Бундеслигата како никогаш досега збогатена со мак-ракометари - кој ќе биде најуспешен на крај!?

Преостанува уште еден ден до стартот на новата сезона на најквалитетната ракометна лига на светот, Бундеслигата. 

Германската елита како никогаш досега ќе биде збогатена со присуство на македонски ракометари. Ако во минатата сезона честа на мак-ракометот ја бранеа тројца ракометари (Миркуловски и Цветковски во Вецлар и Талески во Рајн Некар Левен), во новата сезона ќе им се приклучат уште тројца (Филип Кузмановски, Мартин Томовски и Жарко Пешевски).

Филип Кузмановски по одличните настапи во Пелистер, Металург и Еурофарм Работник е пред најголемиот предизвик во својата кариера и за првпат ќе заигра надвор од нашите граници. Македонскиот репрезентативец ова лето му се приклучи на Магдебург, кој со големи амбиции ќе ја започне новата сезона на германскиот шампионат. Тимот предводен од Бенет Вигерт одигра одлични партии во претсезонскиот период, а меѓу најдобрите поединци беше токму нашиот Кузмановски. Во првото коло Магдебург ќе се сретне со новиот бундеслигаш Балинген, кој од вчера е посилен за Филип Талески

Поранешниот ракометар на Рајн Некар Левен, пред самиот старт на сезоната ги напушти редовите на „лавовите“ и во потрага по поголема минутажа се реши да потпише договор со Балинген, кој во германската елита влегува како шампион на втората Бундеслига. 

Свое деби во новиот шампионат на Германија ќе има и Жарко Пешевски. Поранешниот соиграч на Кузмановски и Талески во редовите на Металург, по едногодишната соработка со Мотор Запорожје се сели во Бундеслигата, каде потпиша договор со тимот на Штутгарт. 28-годишниот кружен напаѓач имаше солиден припремен период во кој на дуелот со Есбјер со пет гола беше најдобар стрелец во својот тим. Во првото коло на Бундеслигата, Штутгарт ќе се сретне со Ерланген.

По заминувањето на искусниот Цветковски од Вецлар, младиот Мартин Томовски ќе биде единствениот македонски голман меѓу стативите во германската елита. Поранешниот член на Металург ова лето ја прифати понудата на Лудвигсхафен, тим кој во ланската сезона со три врзани победи во самиот финиш на луд начин успеа да обезбеди опстанок во Бундеслигата. Томовски своето официјално деби во германскиот шампионат ќе го има в недела против тимот на Рајн Некар Левен. 

Македонецот со најголем стаж во Бундеслигата, Филип Миркуловски, со нова улога ќе ја стартува новата сезона. Искусниот среден бек ова лето ја прифати капитенската лента и ќе го понесе најголемиот товар на тимот на Вецлар. Поранешниот репрезентативец на Македонија најави успешна сезона, а откри дека до крајот на оваа година ќе донесе одлука за својата кариера. Вецлар за прв противник во новата сезона го има тимот на Лемго. 

Бранител на титулата е тимот на Флензбург, кој заедно со Кил ќе биде дел од Лигата на шампионите, додека Рајн Некар Левен, Магдебург. Фуксе Берлин и Мелсунген ќе се натпреваруваат во ЕХФ Купот. Вечерва првата официјална Суперкуп титула ќе биде доделена по дуелот меѓу шампионот Флензбург и победникот на Купот, Кил.