• Мартин Танасковски
Според пишувањата на угледниот германски весник „Билд“, најсериозен кандидат за нов тренер на германскиот бундеслигаш Лајпциг е актуелниот тренер на македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер – Шпанецот Раул Алонсо.
По разочарувачкиот крај на сезоната со пет порази во низа и само две победи во последните 14 натпревари, раководството на бундеслигашот реши да стави крај на соработката со тренерот Рунар Сигтригсон. Претходно како потенцијални решенија беа спомнувани Николас Крикау, поранешен стратег на Фленсбург, и Оскар Карлен од шведскиот Истад, но клубот не успеа да постигне договор со ниту еден од нив.
Сега, како што пишува „Билд“, вниманието на Лајпциг е насочено кон Алонсо, кој веќе има искуство во Бундеслигата, вклучително и како помошник во Кил. Сепак, евентуален ангажман на Алонсо нема да биде лесен, бидејќи тој има важечки договор со Еурофарм Пелистер до јули 2026 година, што значи дека Лајпциг ќе мора да плати обештетување и да добие согласност од Шпанецот ако сака да го донесе на својата клупа.



