• Мартин Танасковски
Неверојатната серија на германските ракометни клубови на европската сцена продолжува и оваа сезона, потврдувајќи дека Бундеслигата со право се смета за најсилното ракометно првенство во светот. Без разлика дали станува збор за групите во Лигата на шампионите или за Европската лига на ЕХФ, германските претставници речиси цела година не знаат за пораз од странски противник.
Изминаа дури 149 дена откако некој германски тим последен пат загубил натпревар во европско натпреварување. Тоа се случи на 15 јуни, кога Фуксе Берлин беше совладан во финалето на Лигата на шампионите, но и тогаш од друг германски клуб, Магдебург. Она што оваа серија ја прави уште повпечатлива е фактот дека германските екипи беа непоразени во целата нокаут фаза од претходната сезона.
Последниот пораз од тим надвор од Германија во елитното натпреварување датира од 27 февруари 2025 година, кога Магдебург загуби на гостувањето кај Колштад во Норвешка. Од тогаш поминаа повеќе од осум месеци (257 дена), а германските екипи продолжија со доминантни настапи и во новата сезона. Во моментов и Фуксе Берлин и Магдебург се на врвот на своите групи во Лигата на шампионите пред крајот на првата половина од групната фаза, со изданија кои влеваат респект кај сите конкуренти.
Слична слика гледаме и во Европската лига, каде германските клубови исто така имаат совршен учинок по првите две кола. Посебно впечатлив беше ТСВ Хановер-Бургдорф, кој во квалификациите двапати го совлада Алкалоид, демонстрирајќи дека и вториот ешалон на германскиот ракомет поседува исклучителен квалитет.
Да потсетиме, на минатогодишниот Ф4-турнир, француски Монпелје го елиминира Кил во полуфиналето на 24 мај, но веќе следниот ден беше поразен од Фленсбург во големото финале. Само еден ден подоцна, Мелсунген загуби од германскиот рекордер по титули Кил, со што се заокружи уште една сезона во која германските тимови го потврдија своето европско водство.
Оваа сезона покрај Алкалоид, силата на бундеслигашки клуб ја почувствува и Еурофарм Пелистер кој се судри со Магдебург во групната фаза на ЛШ и во Германија доживеа пораз од десет голови разлика.







