Бројките на Томовски солидни, Милосављев најуспешен голман во Бундеслигата

Германската ракометна Бундеслига беше прекината без да се доврши сезоната, а Кил беше крунисан за шампион. Меѓу оние кој најмногу профитираа од ваквиот исход, беше тимот каде настапува Мартин Томовски, Еулен Лудвигсхафен, клуб кој се бореше за опстанот, но одлуката беше дека оваа сезона нема да има релегација. 

Томовски во својата прва сезона во Бундеслигата запиша 27 настапи за тимот, бранејќи го голот во просек по 8:49 минути по меч. Младиот голман запиша 89 интервенции од вкупно 275 удари кон неговиот гол, што е 24,45% одбранети шутеви.

Колегите од Лудвигсхафен бележат слични бројки и никој не се истакнува. Така, Стефан Ханеман има 24,75% на одбранети удари, но на само осум настапи, а Хоблај Леон кој запиша само неколку секунди на теренот, нема интервенции. Најуспешен е ветеранот Горазд Шкоф кој на 16 мечеви запиша 121 одбрана и има процент од 31,84% одбранети удари. 

Интересно, во Бундеслигата најдобри бројки за минатата сезона има поранешниот вардарец Дејан Милосављев кој иако бранеше половина од натпреварите, забележа високи 35,5%, пред Никлас Ландин со 35,4% одбранети удари.