Брилијантниот меч со ПСЖ на Кузмановски му донесе место во дрим-тимот на колото во ЛШ!

Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, одигра фантастичен натпревар и со десет гола беше предводник на битолскиот тим во ремито против Пари Сен Жермен. Македонскиот репрезентативец не беше само најпрецизен во таборот на „зелено-белите“, туку со својата пожртвуваност уште еднаш покажа како изгледа вистински капитен на теренот.

Она што дополнително ја прави неговата партија импресивна е фактот што Кузмановски настапил со висока температура. И покрај тоа што во текот на денот има 39 температура и треска, тој одлучил да му помогне на својот тим и да излезе на паркетот против силниот француски ривал, воден од желбата заедно со соиграчите да ги израдува навивачите на македонскиот шампион.

Одличниот настап не помина незабележано ниту на европската сцена. Кузмановски се најде во идеалниот тим на колото на Европската ракометна федерација за претпоследната рунда во Лигата на шампионите.

Во последното коло македонскиот шампион ќе гостува во Шпанија, против тимот на Барселона.