• Горан Упале

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 со победа над Пролет стави печет на уште една успешна сезона во ракометната Суперлига на Македонија (28-25).
Младите избраници на Александар Зарков имаа многу подеми и падови на оваа средба. Во неколу наврати се искачуваа на комотна предност од пет гола разлика, ама не успеваа да ја сочуваат, затоа што гостите од Скопје имаа одговор за секој нивни налет, но не и на последниот.
- Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Пролет:
„Зелено-белите“ одлично го отворија натпреварот, ги постигнаа првите три гола, а потоа имаа водство од 4-2, но Пролет се консолидира и израмни на 5-5. Следуваше период на израмнета игра, по што пелистерци влегоа во нова серија и на полувреме заминаа со позитива од пет гола (14-9).
Стартот на вториот дел не донесе никакви промени на битолскиот паркет, Еурофарм Пелистер 2 ја чуваше сигурната позитива, но кон средината на полувремето влезе во нова криза и Пролет со четири гола во низа израмни на 22-22. Сепак, иако се очекуваше возбудлив финиш, пелистерци, носени од одличниот Емилијан Ѓорговски, се изборија за конечна победа од 28-25.
Младиот бек, кој во плеј-офот се врати од Еурофарм Пелистер, натпреварот со Пролет го заврши со неверојатни тринаесет погодоци и беше убедливо најдобриот поединец на теренот. Кај Еурофарм Пелистер 2 по четири погодоци впишаа Димитровски, Талевски и Петровиќ, додека за Пролет по осум постигнаа Додевски и Палевски.
Ракомет
Суперлига 2022/23
Плеј-оф (14. коло)
Еурофарм Пелистер 2 – Пролет 28-25 (14-9)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 500
Судии: Виктор Андонов и Стојанче Јовановски
Еурофарм Пелистер 2:
Јовановски, Печурица, Ангелески, Мулиќ, Митревски 1, Димовски, Димитровски 4, Талевски 4, Петровиќ 4, Ѓорговски 13, Ивановски 1, Буторац, Белистојановски 1, Ристевски
Седмерци: 3/2
Исклучувања: 6 минути
Пролет:
Петковски, Василевски 4, Пецаковски, Фичорски 1, Додевски 8, Димов, Андоновски 3, Мајнов, Димковски, Крстевски 1, Стојановски, Јанчев, Михаљевиќ, Палевски 8, Спасовски
Седмерци: 5/5
Исклучувања: 6 минути