Брестовац: Тешко е да парираш на неевропејци, кога играш ракомет по шаблон!

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија со пораз ја заврши групната фаза на Светското првенство (СП) и загуби од Јапонија (22-31). По натпреварот, селекторот Данило Брестовац ја коментираше играта на националниот тим и истакна дека нашите кадети во ниту еден наврат не успеале да му парираат на брзиот ривал.

„Ниту технички, ниту тркачки не успеавме да им парираме на Јапонија. Пак доаѓа до моето мислење дека ракометот кој се игра надвор од Европа ни е проблематичен. И со Јапонија и со Нигерија и со Бахреин не може да парираме со брзина. Сега, ако барам каде е вината... не знам. Ние во Македонија немаме ракомет на брзина, на техника. Немаме начин на тренинг како Данците. Почнуваме од основните работи, не можеме тркачки и технички да парираме. Ни направија 0-6 на стартот дека имавме технички грешки. Ако ние си вратиме филмот назад, генерациите најдобрите партии ги даваат кога се на крајот. Имаме проблеми со техничката и брзинската подготовка. Трипати беше противникот побрз од нас. Технички, беа доведени до совршенство. Ние сме научени на европски ракомет, малку поспор, шаблонизиран. Не можевме да ги затвориме Јапонците, тоа ни беше проблем. Ние во Македонија играме шаблонизиран ракомет, децата ги учиме исто, да играат акции и комбинации, да се знае каде е блокада, каде е вишокот. Кај неевропските селекции гледам друг начин на ракомет. А, ние немавме ниво да ѝ парираме на Јапонија. Ние влеговме во мечот да победиме, ниту еднаш не зборувавме да калкулираме. Играчите ги мотивиравме, дека играме дома, дека треба да победиме. Но, преку видео-анализите гледав дека не може да ѝ парираме на Јапонија посебно со ротација“, изјави Брестовац.

Осминафиналните дуели на Мундијалот за кадети стартуваат на 14 август, а нашиот национален тим ќе игра против Португалија.