Брестовац: Среќен сум, победивме во одлична тимска игра

Првпат сезонава Металург се враќа со полн плен од едно гостување. Покажан е карактер во последните минути од натпреварот во Букурешт и екипата на Данило Брестовац ја совлада Стеауа со 26-28.  

На редовната прес-конференција по средбата свои коментари дадоа тренерите и избрани ракометари на двете екипи.

„Многу сме среќни за оваа победа, бидејќи победивме со тимска игра. Честитки до тимот на Стеауа за фер и коректниот пристап на средбата“, краток беше Брестовац.

Ракометарите веруваа во своите можности и кога противникот побегна на +4 и се чинеше дека на повидок е уште еден СЕХА-пораз на Металург. 

„Домаќините одиграа многу добро, бараа решенија во целиот натпревар. Ние останавме фокусирани низ целиот тек на натпреварот и продолживме да се бориме и кога губевме. Така успеавме да ја добиеме победата“, смета Милан Лазаревски.

На македонскиот вицешампион му следи краток одмор па пат за Ниш, каде следната среда ривал им е Железничар и Веселин Вујовиќ.