Брестовац: Со ваква игра против Спортинг, не ни се пишува добро!

Металург по двете победи во низа доживеа пораз. Во СЕХА-лигата загуби од Стеауа (28-29), која во Скопје дојде со осум ракометари, но и покрај тоа ги однесе бодовите. Тренерот Данило Брестовац беше незадоволен од изданието, посебно од одбраната.

„Искрено, ние воопшто не се подготвувавме за нив, затоа што мечот со Спортинг ни е многу важен. Не знаевме со каков состав ќе дојдат. Стеауа играше со пократка ротација, не е дека дојде со втор тим. Се обидов да наметнам еден начин на игра кој судиите не го прифатија. Не ни дозволуваа да повлечеме брз центар. Не враќаа кога ќе тргневме. Не сум паметен, чудна е ситуацијата. Погледнавме само неколку минути од Стеауа. Не ми е јасен распоредот, но тоа е што е. Заслужена победа на Стеауа. Ни фалеше борбеност и ангажман, напад еден на еден. Нека овој меч ни биде поука“, изјави Брестовац.

Потоа тренерот на тимот од Автокоманда направи анализа на мечот.

„Првото полувреме убаво изгледаше, цело време бевме во шанса. Ни недостасуваше желба и борбеност во одбраната. Ние можеме да ги преброиме на прсти фаулите што ги направивме во одбраната. Немавме контакт игра. Многу бевме далеку од агресивна игра што треба да ни донесе резултат. На домашен терен не може да играш само со движења. Пак се појавува проблем кој го гледавме на видео. Ако утре настапиме со ваква агресивност, тогаш не ни се пишува добро“, заврши тренерот.

Металург веќе утре го чека наредниот меч, овој пат во Лигата на шампионите со Спортинг Лисабон, со почеток од 19:00 часот.