Брестовац: Оштетени сме, но Македонија заслужува да ја добие „вајлд-картата“ за СП

Ракометната репрезентација на Македонија е во исчекување на одлуката на ЕХФ и ИХФ кои селекции ќе добијат „вајлд-карта“ за учество на следното Светско првенство во Египет. 

Откако ни беше одземена можноста на терен да се бориме за нов пласман на Мундијалите, сега единствена шанса ни е оваа покана, која селекторот Данило Брестовац вели дека ја заслужуваме повеќе од која било друга селекција.

„Ако правиме ретроспектива на она што се случуваше во последните неколку години, оштетени сме од оваа одлука на ЕХФ, пред сè заради тоа што нам ни фалат натпревари со силни противници. Како велат старите: „Од поразите најдобри се учи“, така што неиграњето со Франција нè врати еден чекор назад во нашата работа.

Но, треба да бидеме оптимисти, сметам дека Македонија ја заслужува таа „вајлд-карта“. Таков беше случајот во 2015 година, кога профитираше Германија, а според сите стандарди и сега таа покана треба да ја добие држава која доаѓа од континентот на светскиот шампион. Тоа е Данска, а со оглед на нашиот пласман заслужуваме да бидеме дел од тој собир“, вели Брестовац за утринската програма на Сител.

Поради пандемијата ЕХФ и ИХФ ги одложија сите натпреварувања кои требаше да се одиграат овој период, вкучувајќи ги и бараж натпреварите и на Мундијалот директен пласман обезбедија 14 европски селекции.

<<< ПОВРЗАНО - Македонија чека на „златната карта“ – еве ги сите учесници на СП 2021