Брестовац: Нигерија е борбена и физички силна, мора да се бориме!

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија е пред вториот предизвик на Светското првенство (СП) кое се игра во нашата земја. Следен ривал ќе биде Нигерија, репрезентација против која „црвено-жолтите“ се големи фаворити на хартија.

Селекторот Данило Брестовац вели дека мора да се внимава со Нигеријците, посебно по неочекуваниот пораз од Аргентина во рамки на 1. коло на Мундијалот.

„Се работи за сериозна репрезентација, многу се борбени и тука се дојдени да учат. Секако и ние учиме, ако погледнеме на вистината во очи, ние сме селекција од Б-дивизија. Работиме тешко за да извлечеме играчи во сениори. Се работи за физички посилна репрезентација од нас, очекувам борба и победа за разлика од денес. Мора да играме во напад, затоа што Нигерија е пограсивна од Аргентина. Мора да играме цврсто, посебно во одбраната за да дојдеме до резултат“, изјави Брестовац.

Натпреварот меѓу Македонија и Нигерија во рамки на кадетското Светско првенство (СП) се игра од 20:30 часот, во СЦ „Борис Трајковски“. Влезот за сите љубители на ракометот е слободен.