Брестовац: На тренинг го вежбавме последниот напад, но...

Стратегот на Металург, Данило Брестовац, жали затоа што неговиот млад тим не успеал да дојде барем до бод во дербито со поквалитетниот Вардар (26-27) и истакна дека последниот напад бил вежбан на тренинг, баш на ден пред мечот, но жали што останал нереализиран.

„Во континуитет игравме добро, но она што ми смета е фактот дека не се придржуваме до техничко-тактичките работи. Не знам дали се работи дека ракометарите се млади или се работи за друго. На пример, знаеме дека ако Скубе прими од десна страна топка, ќе даде гол. Исто и Карачиќ, знаевме како ќе игра, но пак не го сопиравме. Ми сметаше и последниот напад, како да знаевме дека ќе се случи оваа ситуација, па го вежбавме на тренинг ден пред мечот. Овој дуел немаше некое големо значење, но ме радува што во средината на вториот дел, кога паѓавме на претходните средби, сега бевме далеку подобри. Вардар победи на физички предиспозиции“, изјави Брестовац.

Во име на Металург зборуваше и Томислав Јагуриновски, кој играше со преврска на главата поради повреда со која се здоби на мечот со Војводина.

„Честитки за Вардар за победата. Одигравме еден коректен натпревар, но некои работи што ги работиме на тренинг, не ги применуваме на натпревар. Не знам дали тоа се случува, затоа што сме млади. Правевме доста грешки, мораме уште многу да се поправиме“, изјави младиот ракометар. 

Металург следниот меч во СЕХА-лигата го игра викендов, кога во Скопје доаѓа Мешков Брест.