Брестовац: Ме напаѓаат и навредуваат дека не им ги викам децата во репрезентација!

Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, со селекцијата го заврши Светското првенство (СП) во Скопје на 13. место, со триумф над јужноамериканската репрезентација Аргентина.

По натпреварот, тој пред медиумите ги сумираше резултатите и истакна дека овој пласман е реален според резултатите, но потенцира дека оваа генерација секако дека можеше повеќе.

„Целта ни беше осминафиналето, желбата беше присутна кај сите за четвртфинале. Против европските репрезентации одигравме добро плус денеска против Аргентина. Од сите други натпревари не сум задоволен. Не го игравме тоа што сме се договарале. Не знам за каква блокада се работеше, кој беше проблемот / дали притисок, дали стрес, дали домашен терен. Нас ни недостасуваше борбеноста. Можеби ми неодстигаше хемијата во тимот. Околу начинот на тренинг немам никаква забелешка. Им недостигаше креативност во нападот, која ја имаат на тренинг. Тие исто така посакуваа, не е дека немаа желба, но имаа некоја ментална блокада. Ако Младеновиќ играше на сите претходни натпревари, како денеска, ќе имавме многу повеќе победи. Таа десна страна ни беше коректна. Сепак ова 13 место сепак мислам дека е реално“, изјави Брестовац.

Македонија групата ја одбра сама, но дали можеше да одбере подобро на овој Мундијал и да игра со други селекции и дали тогаш пласманот ќе беше различен?

„Видовте на Србија што им се случи? Ние сме од тој шешир исто, можевме да отидеме во „Д“ група или во „А“ и „Б“ кај Франција и скандинавците. Можевме да бираме, но можеше да ни се случи како на Србија, загубија од сите и го победија само Бразил. Ние да бидеме искрени сакавме да влеземе во осминафинале. Никој немаше увид какви селекции се овие што играа против нас. На изглед, најдобра беше „Ц“ групата“, додаде предводникот.

Брестовац на социјалните мрежи додека траеше кадетското СП константно беше напаѓан, како од ракометната публиката, така и од поранешни и актуелни ракометни функционери. Го прашавме која е неговата реплика на таа тема, а тој одговори...

„Имам напад од бивш ракометар, тренер, затоа што син му не го викам во репрезентација. Неговиот син е на поширокиот список, но сметам дека не е сега за во тим. Тој може да ме напаѓа мене и ми вели да го земам. А, јас не може да го земам ако не е подобар од друг на таа позиција. Има и други што се лутат, ме напаѓаат и се. Ме навредуваат. Нека ме навредуваат. Ракометарите доаѓаат од различни градови... од Ресен, од Струга, од Струмица и од други градови... кој игра тука со врски, како што велат!? Не заслужуваат да реплицирам на пораките и на сите работи што ги добивам на интернет. Тоа не е мој стил“, почна предводникот.

Потоа, продолжи за својата биографија, која вклучува работа со големи тренерски имиња како Лино Червар и Ивица Обрван...

„Пет години сум бил помошник кај Лино Червар, работев со Ивица Обрван во Шамбери, со Раул Гонзалес. Со светски и европски прваци. Медалисти. Сум работел со капитени на Франција. Секој тренинг ми го гледале. И сега, мене некои ќе ми велат дека не го знам ракометот? Две години се мачам, од академии да направиме ракометари, па ме навредуваат. Две години не сум бил на одмор, се „печеме“ сите на 40 степени, за да дојде некој и да каже „дај оставка“. Кај мене нема такви работи“, заврши Брестовац.

За нашиот национален тим ова беше прв настап на кадетските Мундијали. Групата се заврши со две победи над Нигерија и Бахреин и три порази од Аргентинa, Данскa, Јапонија. Португалија, пак, го исфрли нашиот национален тим во осминафиналето.