Брестовац ги пријави Серафимов, Димитриевски и Крстевски за дуелот со Грција

Селекторот на машката сениорска репрезентација Данило Брестовац ги објави промените во списокот на ракометари за квалификацискиoт натпревар против репрезентацијата на Грција за обезбедување на пласман на Европското првенство во 2020 година.

На утрешниот натпревар селекцијата на Македонија ќе настапи со три промени во однос на претходниот натпревар одигран против Турција во Ескишехир. На местото на Стојанче Стоилов пријавен е Горан Крстевски, Дарко Димитриевски ќе биде замена на повредениот Милорад Кукоски, и на местото од Томислав Јагуриновски дресот со државниот грб ќе го облече Мартин Серафимов.

Македонија утре со почеток во 18:00 часот ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите против репрезентацијата на Грција во Струмица и со реми или победа ќе го осигура првото место во групата пред ждрепката на 27 јуни во Виена.