Бразилски универзален бек пред портите на Вардар!

Екипата на Вардар 1961 прави ростер за понатамошните предизвици, а во Скопје ќе пристигне нов бек. Се разгледуваа повеќе опции, а изборот се очекува да падне на Бразилец кој ќе дојде од соседството, дознава Gol.mk.

Жоао Педро Франциско да Силва е пред портите на црвено-црното семејство. Се работи за ракометар роден 1994 година, а е бек-универзалец, затоа што игра и на средната бековска позиција, како и на левата и на десната и знае да одговори на повеќе задачи.

Бразилецот во последните сезони е дел од српска Војводина. Висок е 190 сантиметри, а зад себе има добра биографија во европскиот ракомет. Покрај за српскиот тим, настапуваше и за Динамо Букурешт од Романија, Бенфика од Португалија, Шамбери од Франција, како и шпански Адемар Леон и Анхел Хименез.

Од 2014 година е во европскиот ракомет и има играно во сите европски купови. Бразилецот го минува финалниот филтер на преговори со клубот и се очекува доколку се мине во најдобар ред да биде претставен како нова аквизиција на клубот од месец јануари.