• Горан Упале
Женската ракометна селекција на Бразил ја оправда улогата на фаворит во пресметката со Ангола и со убедливата победа од 31-19 си обезбеди пласман меѓу најдобрите осум во женскиот ракометен турнир на Олимписките игри во Париз.
Во директната пресметка за четвртата позиција, последна која што води во четвртфиналето, Бразилките одиграа фантастично од почеток до крај. Селекцијата од Јужна Америка победата ја обезбеди уште во првото полувреме, во кое му покажа на ривалот дека нема што да бара на овој дуел. За краток период беше дури +8 за Бразил (10-2), а потоа водството се искачи на двоцифрена предност (13-3), па на полувреме се замина со 14-6.
Во вториот дел Бразилките продолжија во ист ритам, а откако одново се искачија на двоцифрена предност, се решија да ги сочуваат силите за следните предизвици и во продолжението од средбата се играше гол за гол. На крај Ангола мораше да се задоволи само со висок пораз од 31-19, по кој ги заврши настапите во Париз.
Битоло со седум и Виериа со шест гола беа најпрецизни за Бразил, додека во поразениот табор Пасквал запиша четири гола.
Нешто претходно, во оваа група се одигра и натпреварот меѓу најдобрата и најлошата селекција. Очекувано, убедлива победа славеше лидерот Франција со 32-24 и со тоа ја испрати Шпанија дома со пет порази од исто толку натпревари.