Бразил си оди дома, последното четвртфинално место за Германија

Германија го потврди третото место во групата А со триумф над директниот ривал Бразил (29-25). Избраниците на Алфред Гисласон го пополнија последното место во четвртфиналето на ракометниот турнир. Јужноамериканците стартуваа со три порази и не ја остварија желбата да се пласираат во нокаут фазата. Денешниот натпревар против германската репрезентација ја потврди лошата форма на Бразилците.

Бразил постојано беше во предност во првиот дел. Играше рамноправно, но еден пад на почетокот на вториот дел го плати со пораз. Германскиот состав многу брзо побегна на 19-13 и со тоа полесно влезе во завршницата од мечот. Убавата предност ја бранеше со рутинска игра во нападот. Последните десет минути не донесоа неизвесност, бидејќи бразилските ракометари се помирија со судбината дека ќе заработат елиминација. Вајнхолд и Кнор постигнаа по шест погодоци за Германија, а Дутра запиша седум гола за Бразил.

Четвртфинале на олимпискиот турнир ќе играат: Франција, Шпанија, Норвешка, Германија, Данска, Шведска, Египет и Бахраин. По одигрувањето на скандинавското дерби меѓу Шведска и Данска ќе бидат познати сите четвртфинални парови. 

Нокаут фазата е закажана за следната недела, а елиминационите натпревари ќе се играат во вторник, четврток и сабота.