Бразил го смени селекторот по само четири месеци, Гордо се врати во Шпанија

Голем број на спортисти и тренери се соочуваат со непланиран проблем, бидејќи нивните договори се на истек и без Олимписките игри во Токио, кои се поместени за следното лето. Некои клубови и федерации постигнаа договор и спогодбенo ги продолжија договорите со стручњаците до јули 2021 година, но некои порадикални се одлучија за тренерска смена.

Бразилската ракометна конфедерација неочекувано му врачи отказ на селекторот на машката репрезентација, Даниел Гордо. Младиот шпански тренер само четири месеци ја извршуваше улогата на селектор на јужноамериканскиот вицешампион. Иако според планот требаше да ги води „кариоките“ во квалификациите и ако избори пласман и на олимпискиот ракометен турнир, тоа ќе го стори некој друг наместо него.

Пандемијата од ковид-19 ги одложи квалификациите за Олимписките игри, а Бразилската конфедерација на вонредна седница му се заблагодари на Гордо и најави дека наскоро ќе биде именуван негов наследник. Според медиумите најверојатно Бразилците ќе изберат домашен селектор, по тројца Шпанци во низа (Рибера, Каденас, Гордо).

Даниeл Гордо се врати во Шпанија и се очекува да пронајде нов ангажман во Европа.