Браво за пелистерци: Даруваа дел од премијата за децата без родители

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2, стручниот штаб и менаџментот на клубот со хуман гест ги израдуваа децата без родители во Центарот за социјални грижи во Битола. Имено, ракометарите донираа дел од премијата за пласман во плеј-офот на Суперлигата, како и производи од компанијата Еурофарм, неопходни за најмладите.

Во името на клубот и оваа хумана иницијатива подароците ги донираа капитенот Васко Димитровски, Филип Ивановски, Стефан Талевски и Иван Димитровски

Капитенот Васко Димитровски објасни како се роди оваа идеја:

„На иницијатива на ракометарите и стручниот штаб се одлучивме на ваков хуман гест. На овие деца им се неопходни овие подароци, производи и нашата грижа. Затоа повикувам и другите да го следат нашиот пример“.

Со минатогодишното отворање на пет мали групни домови во Битола, Министерството за труд и социјална политика со своите партнери го започна процесот на целосна трансформација на „Мајчин дом“ и сите 27 деца се веќе преселени во објекти кои наликуваат на топол семеен дом. 

Домот во Битола се трансформира во давател на нови, современи социјални услуги. На почетокот од 2020 година ќе започне да функционира регионален Центар за поддршка на згрижувачките семејства, како и други услуги предвидени со Законот за социјална заштита. Со последните пет мали групни домови во Битола во Македонија се отворени вкупно 17 мали групни домови.

Овој хуман гест е за поздравување и со сигурност нема да биде последен на ракометното семејство Еурофарм Пелистер.