Бранко Тамше е наследникот на Раде Стојановиќ во Тримо Требње

Словенечкиот ракометен стратег, Бранко Тамше, официјално ќе презема тимот на Тримо Требње од следната сезона и ќе го води во наредните две години. На тренерското место тој ќе го замени селекторот на младата македонска репрезентација, Раде Стојановиќ.

„Навистина сум среќен и горд што го добив овој ангажман. Ќе имам прилика да водам одлична екипа која има огромен потенцијал. Се работи за клуб со јасна визија и со голема перспектива. Сакаме заедно да создадеме силен идентитет, познат во цела Европа. 

Знам точно каде доаѓам. Требње е ракометен град со прекрасни навивачи кои живеат за овој клуб. Сите овие причини беа доволни за да го прифатам предизвикот“, изјави Тамше. 

Тамше има богато резиме во својата кариера и освојуваше титули со Целје, Горење и Загреб, а со Нексе од Нашице стигна до финалето на Европската лига на ЕХФ во 2022 година.