Браќата Ел Дера кои имаа понуда од Вардар ќе играат заедно во Замалек

Браќата Сеиф и Јахија Ел Дера во следната сезона ќе делат иста соблекувална, но не таа во Вардар, иако имаа отворена понуда од нашиот ракометен шампион да се преселат во Скопје.

Египетските ракометари во иднина ќе ги бранат боите на тамошниот вицешампион Замалек, откако помладиот Сеиф Ел Дара ги напушти редовите на Хелиополис и се реши кариерата да ја продолжи во тимот каде настапува неговиот брат.

22-годишниот централен бек Сеиф Ел Дара и 25-годишниот Јахија беа поврзувани со премин во Вардар, но напорите на македонскиот клуб да ги доведе во своите редови не вродија со плод, заради обврските на двајцата кон својата татковина. 

Браќата Ел Дера се наоѓаат во поширокиот список на египетскиот селектор Парондо за претстојните Летни Олимписки Игри во Токио.