Божовиќ: Ќе се обидеме да ја смениме тенденцијата и конечно да ја победиме Македонија

Иако има 34 години, Јанко Божовиќ ја прави разликата во австриската репрезентација. И вчера против Чешка, и денес против Украина, Црногорецот, роден во Бар одигра феноменално и ја поведе селекцијата на Алеш Пајовиќ во најтешките моменти.

Сепак, десниот бек не се радува пред време, бидејќи во вторник следува дуелот со Македонија, а пораз може да значи и елиминација за домаќинот на шампионатот. Според Божовиќ време е да се сруши австриската негативна традиција во меѓусебните дуели со нашиот национален тим.

„Македонија има искусни ракометари. Киро е еден од најдобрите десни бекови на сите времиња, тој е секогаш спремен да го одлучи натпреварот. Но, Македонија не е само Лазаров, Стоилов е многу битен ракометар за Македонија. Ако добро се подготвиме, мислам дека имаме шанси. Досега имаме лош скор против вашиот тим, но ќе се обидеме да ја смениме тенденцијата“, ни рече десниот бек на австрискиот национален тим.

На Европските првенства се сретнавме со Австрија во Данска пред шест години и извојувавме победа, а ги совладавме и во Катар на Светското првенство една година подоцна. Во двата случаи на македонската клупа седеше Ивица Обрван.