Божиновска: Вардар нè порази со 19 разлика, но тоа не е сликата за ЖРК Чаир

ЖРК Чаир е еден од учесниците на завршниот Ф4-турнир во Купот на Македонија, а ждрепката посака да го спои со ЖРК Вардар, тим против кого нема баш најдобри спомени оваа сезона. Во име на чаирчанки говореше поранешната ракометарка на вардарки, Анамарија Божиновска.

Средниот бек на Чаир истакна дека тимот ќе се бори да ја поправи сликата од последниот меѓусебен меч кој го загуби со 19 разлика. Според Божиновска, тоа не е реалната слика на квалитетите на клубот, кој го одиграл најлошиот меч против овој ривал.

„Тимски се подготвуваме веќе две недели за мечот со Вардар. Ќе влеземе во мечот со желба за победа, се работи за еден натпревар, па ќе видиме што ќе биде. Оптимистички сме настроени, тренираме како да ќе играме финале. Имаме еден висок пораз од Вардар во лигата на последниот меч, тоа, искрено, беше наш најлош натпревар и сметам дека не е мерило. Се надевам дека нема да имаме пак таков испад, но, ќе видиме што ќе биде. Се надеваме дека ќе победиме, сепак, ова е ракомет, па одиме да си ја оствариме целта“, ни изјави Божиновска.

Натпреварот меѓу ЖРК Вардар и ЖРК Чаир се игра в петок со почеток од 18:00 часот. Средбите се играат во салата „Авткоманда“ во Скопје.