Бошковски за борбата со корона: Ниту на најголемиот душман не би му го посакал тоа!

Андон Бошковски, тренерот на екипата на Голден Арт КЛ7, ја доби борбата со коронавирусот. 46-годишникот беше сместен на Инфективното одделение во болницата „8 Септември“, а во сведоштво за „Канал 5“ раскажа низ што минал.

Некогашниот тренер на Струга, Вардар, Работнички... вели дека коронавирусот не е шега. Толку многу е тешко да се дише кога го имате вирусот, што ниту на најголемиот душман не би му посакал да ја фати оваа нова болест. 

„Добивав инфузии нон-стоп и кислород. Многу е тешко. Јас не стигнав до степен да дојдам на респиратор, туку добивав опасна инфузија која многу помогна. Во првата недела дена бев во болница, потоа завршив на кислород. Имав голема среќа, на најголем душман не би посакал да е во ситуација како мене. Благодарност до целиот тим на Инфективното одделение на „8-ми Септември“, не затоа што јас сум излегол од таму, туку затоа што она го правеа и го прават 24 часа е натчовечки. На тие луѓе треба да им се даде поддршка“, изјави Бошковски.

Бошковски е само еден од низата познати личности од Македонија кои ја добија борбата со ковид-19.