• Иван Димовски
Ракометниот клуб Тиквеш остана без својот тренер Раде Стојановиќ кој се пресели во Словенија и ќе работи во Тримо Требње. Поради тоа, кавадарчани беа во потрага по негов наследник, а таа улога ќе ја добие искусен босански стратег.
Станува збор за Драган Марковиќ кој минатата сезона го водеше Динамо Панчево. 54-годишникот зад себе има солидна тренерска кариера во која мина и низ Бундеслигата.
Марковиќ работеше како тренер на Вецлар во германската елита, а во оваа земја ги водеше Вилштат, Касел и Шалксмихел/Халвер. Покрај овие екипи, Марковиќ беше тренер и на Босна Сараево, Борац Бања Лука и Азоти Пулави. Исто така, тој беше босански селектор од 2011 до 2016 година, одведувајќи ја репрезентацијата на првиот голем собир, Мундијалот во Катар во 2015.
Тиквеш минатата сезона во плеј-офот на Суперлигата финишира на петтото место. Иако преку првенството остана без шанси за излез во Европа, се очекува Тиквеш да побара „вајлд-карта“ за настап во ЕХФ Купот каде што осигурано место имаат Алкалоид и Охрид.