Борзаш: Не заслуживме толкав пораз, благодарност за оваа прекрасна публика

Урош Борзаш смета дека Еурофарм Пелистер понуди голема борба на последниот натпревар пред домашна публика во овогодинешното издание од Лигата на шампионите и жали што конечниот резултат не е реален отслик на случувањата на теренот. 

„Зелено-белите“ загубија од Алборг со 28-33, но српскиот интернационалец вели дека неговите соиграчи се бореле со карактер. Бекот, воедно, се заблагодари и на прекрасната публика во Битола.

„Сакам да им се заблагодарам на прекрасните навивачи кои повторно приредија фантастична атмосфера. Тренерот одлично ја смисли играта „седум на шест“ и тоа ни донесе доста мал број на грешки во првиот дел. Мислам дека се боревме до крај, покажавме карактер, а според мене, поразот од пет гола е превисок.

Ни останува уште Колштад,  ривал против кој ќе го дадеме максимумот за да го сочуваме образот пред клучните битки во домашниот шампионат.

Секогаш е чест да се игра во Лигата на шампионите. Ова беше одлично искуство за нас, но и за Битола, затоа што тука дојдоа екипи како ПСЖ, Кил, Киелце...“, изјави Борзаш. 

За Еурофарм Пелистер останува само уште еден натпревар во групата А од Лигата на шампионите на ЕХФ. Актуелниот првак на Македонија во последното коло ќе гостува кај Колштад и ќе има тешка мисија, но шансите за освојување на првиот бод секогаш постојат.