Борзаш: Имаме цел да им откинеме бодови на фаворитите, Загреб не е непобедлив

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер во десеттата рунда на елитната Лига на шампиони ќе се судри со ракометарите на Загреб. Битолчани сонуваат прва победа во натпреварувањето, ама со сигурност нема да биде лесно.

Во пресрет на натпреварот своето видување го изнесе српскиот репрезентативен бек, Урош Борзаш.

„Загреб е во одличен ритам и доаѓаат во налет. Ние сме тука да го прекинеме тој налет и се надевам на победа. Работиме напорно, го анализираме противникот и се надевам и верувам во она што го работиме секојдневно и очекувам позитивен резултат.  

Треба да ги исправиме тие ситни грешки кои ги направивме во Загреб во последните дваесет минути. Прававме почетнички грешки, продадовме неколку топки и тие како искусна екипа тоа го искористија преку контра напади. Париравме 40 минути и во одбрана и во напад и во полуконтра, но тој финиш ни беше навистина лош.

Губиме, но на секој натпревар сме блиску. Имавме опции за победа против ПИК Сегед и против Кил и против Киелце. Тоа ни дава сила и мотив дека можеме некого да изненадиме до крајот на Лигата на шампионите. Имаме своја цел, а тоа е да откинеме бод на некоја голема екипа, така да ќе се обидеме до крајот на групата и тоа да го направиме. Ова е последен натпревар за оваа година во Лигата на шампионите и се надевам дека ќе ја израдуваме публиката и самите себеси пред празниците со победа против Загреб“, смета српскиот репрезентативец.

Пелистерци ќе го дочекаат Загреб во салата „Боро Чурлевски“ в четврток во терминот од 18:45 часот.