Борозан „летна“ од Македонија, Вардар најави соопштение

Како што изгледа, заврши љубовта меѓу македонскиот првак Вардар и црногорскиот бек Вуко Борозан. Долго време се шпекулираше за конфликт меѓу двете страни, а од таборот на „црвено-црните“ најавија дека ќе излезат со соопштение поврзано со актуелната ситуација.

Неофицијално, Борозан не доаѓал на последните тренинзи на првакот, па така „пукнала тиквата“ меѓу двете страни. Црногорецот беше повреден, па како алиби наводно ја ставал повредата и потенцирал дека поради истата одбивал да тренира. Информациите велат дека доцнел и на видео-анализите, па тоа било капката што ја прелила чашата.

Побаравме коментар и од редовите на ракометниот првак Вардар, а оттаму, пристигна одговор дека наскоро ќе има соопштение на оваа тема. Црногорецот според досегашните најави ќе биде „замрзнат“ до крајот на актуелната сезона и со него е готово. Нема да игра повеќе во вардаровиот дрес, па тимот ќе остане само со Сергеј Горбок на левата бековска позиција.

Несогласувањата на двете страни доаѓаат во најлош можен рок, затоа што доаѓа четвртфиналниот двомеч со ПИК Сегед во Лигата на шампионите, а Кристијан Дисингер заработи повреда. На бековската позиција покрај Горбок, се очекува како алтернатива да биде Карачиќ.