Борко до „плукачите“: Дојдоа вашите пет минути за лечење фрустрации, ама...

Борко Ристовски, чуварот на мрежата на Македонија, ги осуди критичарите и одговори на прозивките од страна на јавноста по неговата партија на дуелот против Чешка.

Ристовски немаше свој ден, Македонија доживеа пораз, а тоа беше повод за љубителите на ракометот да „удрат“ по репрезентативците. Еден од најискусните веднаш застана во одбрана на тимот и истакна дека овој пат за првпат го почувствувал притисокот на политиката на својот грб.

„Морам да признаам дека не спиевме најдобро, барем јас. И не треба да се спие мирно после секој пораз. Таков е спортот... Тоа е притисок, разочарување, едноставно емоцците кога играте за својот народ и држава се преголеми. Јас сум во репрезентацијата околу 15 години и морам да признаам дека по првпат го почувствував притисокот на политиката на свој грб.

Убаво школо. Корисен дел од мојот живот во и надвор од спортот. Меѓутоа оние што ме познаваат знаат дека јас не сум човек што се откажува ниту повлекува. Бидете сигурни дека нема да се повлечам ниту чекор назад на нападите и критиките кои што се дел апсолутно заслужени и ги прифаќам, но поголем број се орекстрирани политички но има и такви што имаат лични фрустрации“, гласи ставот на Ристовски.

Пораката која Борко ја испрати до критичарите гласи...

„Велат дека глувците излегуваат на површина во случај на поплави и земјотреси. Така и сега. Ова се нивните пет минути. Нека ги искористат добро затоа што многу брзо ќе завршат. Ние (репрезентацијата) имаме незавршена работа во Виена. Не чека натпревар кој е премногу важен за да ги разочараме вистинските македонски навивачи и оние поддржувачи кои одвоиле од својата уста за да дојдат тука и да не бодрат, и сите оние што испратија неколку илјади пораки изминатата ноќ.

Ете затоа се игра за Македонија. Заради својата гордост, својата чест. Честа на своето семејство и народ. А сите оние на кои им смета македонското знаме, македонската химна, македонскиот народ се во огромно малцинство, за наша среќа. Затоа воопшто не е важно кој за која партија е. Важно е во вторник сите заедно сплотени да одиме на победа која не носи во вториот круг. Да живее Македонија“, заврши Ристовски.

Македонија мора да победи со најмалку два гола во дуелот со Австрија за да има сигурен пласман меѓу најдобрите дванаесет во Европа. Клучниот дуел се игра во вторник, во „Штрадхале“ салата во Виена.