Борко брилијантен, Македонија убедливо води против Јапонија

Gol.mk на Светско првенство во ракомет 2019

Македонската „фаланга“ ја наполни легендарната арена „Олимпија Хале“ и виде одлично издание на нашите ракометари во првите 30 минути од натпреварот против Јапонија, кој се игра во рамки од првото коло од групната фаза на Светското првенство во Германија и Данска

Избраниците на Раул Гонзалез уште во премиерното полувреме ја потврдија фаворитската улога против „самураите“, играа полетно, брзо и атрактивно и на пауза заминаа со заслужена позитива од 5 гола разлика (18-13).

Првиот напад го имаа Јапонците, кои изненадувачки тргнаа со два кружни напаѓачи, а тоа вроди со плод со брз гол на Ватанабе за водство од 1-0. Во отсуство на Филип Миркуловски, младиот Филип Кузмановски ја доби одговорноста да го разигрува нашиот напад, кој започна со два гола на левото крило Дејан Манасков за преземање на позитивата на 2-1. 

Борко Ристовски со две одлични интервенции им даде крила на соиграчите и Столе Стоилов зголеми на 3-1. Сепак, брзата транзиција на азиските ракометари им создаваше големи проблеми на нашата дефанзива и Агари со својот втор гол го врати водството на својата селекција на 4-3. 

Капитенот Лазаров на првиот гол чекаше до осмата минута, кога распали во свој стил и израмни на 4-4, за потоа по нова контра на Манасков и гол од пенал на Лазаров, Македонија повторно поведе со два гола разлика, 6-4.  Позитивната серија на нашите момци продолжи со нов погодок на Кире Лазаров, за 7-4, по што следуваше тајм-аут за Сигурдсон. 

До 12. минута Борко имаше одличен скор од шест успешни одбрани од десет удари, а во нападот Лазаров повторно беше присебен од седум метри за 8-5. За највисока предност се изборивме во 16. минута, кога нововлезениот Пешевски погоди за +4 (9-5), а Гоце Георгиевски со гол од својата половина донесе комотни +5 (10-5). 

По одличниот период, следуваше мала криза, која ја искористија Јапонците за намалување на 12-9, но Талески со втора бомба во низа од девет метри ја одведе Македонија на +4 (13-9). Капитенот со нов ефектен гол ја зголеми нашата позитива на +6 (16-9), за потоа да следат брзи голови на двете страни и на полувреме се замина со 18-13. По првите 30 минути најдобар наш поединец беше Борко Ристовски, кој собра дури 12 одбрани. Во нападот се истакнаа Лазаров со седум гола и Манасков и Стоилов, кои постигнаа по три погодоци. 

СП, Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ХрватскаХрватска 5 5 0 0 152:115 37 10
2 ШпанијаШпанија 5 4 0 1 142:114 28 8
3 ИсландИсланд 5 3 0 2 137:124 13 6
4 МакедонијаМакедонија 5 2 0 3 131:139 -8 4
5 БахреинБахреин 1 5 1 0 4 107:151 -44 2
6 ЈапонијаЈапонија 1 5 0 0 5 121:147 -26 0