Боризовска: Пресреќна сум, верувам во двојна круна сезонава!

Можеби очекувавме посилен отпор, но ЖРК Куманово покажа конзистентност и ги одби сите напади на вардарки во финалето на Купот на Македонија за ракометарки. Финалните 26-18 покажуваат дека разликата меѓу двете екипи е голема и дека ако нешто посериозно не се промени, ЖРК Куманово уште долго ќе доминира во женскиот ракомет кај нас.

Победничките не го криеја одушевувањето од новиот трофеј. 

„Морам да кажам дека во првото полувреме навистина мечот беше неизвесен, ама како одминуваше мечот, го решивме натпреварот со одбраната и истрајност. Пресреќна сум, ова првпат се случува во Куманово и се надевам дека ќе ја освоиме двојната круна“, рече Александра Боризовска.

Извесно е дека Куманово е господар со женскиот ракомет кај нас, а следната година ќе се обиде да остави трага и на меѓународната сцена, бидејќи ќе ја претставува нашата земја во Европската лига.