Боризовска и во следната сезона ќе тресе мрежи за ЖРК Куманово

Откако пред пет дена го доведе Симе Симовски за нов шеф на стручниот штаб, македонскиот вицешампион во женската Суперлига, Куманово, го продолжи договорот со една од најдобрите ракометарки на тимот во претходната сезона.

Одличната Александра Боризовска и во иднина ќе ја креира играта на кумановки, откако денес клубот со задоволство објави дека постигнат е договор за нова соработка. 

„Срцето на тимот, моторот што секогаш ја покренува екипата и тогаш кога не оди, омилена кај нашата публика и почитувана од сите други, нашиот капитен Александра Боризовска.

Денес Александра го продолжи договорот со нашиот клуб и заедно продолжуваме да градиме нови успеси!“, соопштуваат од клубот. 

Боризовска е македонска репрезентативка, а пред извесен период беше дел и од ЕП во ракомет на плажа, на кое беше најдобра наша поединка. Куманово во новата сезона покрај обврските на домашна сцена ќе се натпреварува и во ЕХФ Купот.