Борбељ: Имаше интерес од Еурофарм Пелистер, но на крај...

Екипата на Еурофарм Пелистер ова лето своите редови ги засили со неколку квалитетни имиња, но сè уште е во потрага по нов чувар на мрежата.

Голманската позиција на битолчани остана ослабена, откако првиот чувар на мрежата од ланската сезона Никола Митревски се реши за трансфер во Португалија и потпиша за шампионот Порто. 

Еден од кандидатите за замена на Митревски беше унгарскиот голман Адам Борбељ, кој за домашните медиуми потврди дека преговори имало, но сепак трансферот не се реализира и сега потпиша за Веспрем ККФТ.

„Имав понуди од неколку клубови. Меѓу нив беше и Еурофарм Пелистер, но на крај тренерот се решил за соработка со друг голман и стави вето на мојот премин. Исто така имав преговори со клубови од Германија, Романија и Грција, но на крај се решив да потпишам за Веспрем ККФТ. Некој ќе каже ова е чекор назад во мојата кариера кариерата, но јас сум сигурен дека тоа нема да биде така“, рече Борбељ  „Nezmeti Sport“.

Жељко Бабиќ во овој момент на располагање ги има македонските голмани Трајковски и Чаневски, но до почетокот на подготовките најверојатно ќе донесе уште еден чувар на мрежата.