Болен пораз за Македонија кај Белгија во циклусот за ЕП 2026!

Женската ракометна репрезентација на Македонија доживеа болен пораз кај Белгија (25-26) во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) и направи чекор назад во борбата за пласман на континенталниот собир. Двете селекции ќе играат повторно во овој месец, тоа е во Куманово каде Македонија ќе биде домаќин. Нашите ракометарки немаат победа во квалификациите, па прашање е дали и тој домашен триумф би бил доволен за место на ЕП 2026.

Избраничките на Кристијан Грчевски добро го почнаа натпреварот. Со солидна одбрана, го принудија противникот на грешки, а тоа донесе првпат предност од три гола кога од 3-3, се замина на 3-6. Белгијките се вратија, Македонија пак замина на плус три, а плусот меѓу два до три гола беше константно на контото на нашите ракометарки и во продолжението од мечот. Сепак, пред паузата, следеше пад во играта, а тоа на Белгија ѝ донесе само минус еден кога се замина во соблекувалната (14-15).

На стартот на вториот дел, голманката Илиќ влезе во ритам и фати две топки во пет минути, нападот ги награди нејзините интервенции со голови преку Кипријановска, па пак се дојде до оние највисоки плус три (14-17). По промашување на Смитс, Кипријановска врза трет гол во низа, за 14-18, по што селекторот на Белгија повика тајм-аут. Паузата донесе далеку подобра Белгија, која предводена од Смитс, успеа да израмни на 18-18. Кризата кај Македонија ја прекина Гакидова, со гол за 18-19, но возврати Смитс со нов гол, за 19-19.

Селекторот Грчевски направи мала ротација во бековската линија, ја внесе Седлоска која веднаш возврати со гол, потоа во следниот напад реализира и Јанкуловска за 19-21, па Илиќ фати нова топка и овозможи напад за враќање на плус три, но откако не се реализира, Белгија пак се врати на минимална негатива и најави драма. Резултатот беше израмнет и на пет минути пред крајот, беше 23-23, на три минути пред крајот Белгија за првпат поведе на мечот со 25-24, па Гугуљанова погоди од крило за 25-25. Во вистински момент, Илиќ фати топка, но не искористивме напад за водство. Белгија потоа повика тајм-аут на две минути пред крајот, дојде до плус од еден гол, а Македонија во драматичен финиш не успеа да се спаси од пораз со последниот шут на Јанкуловска кој заврши во рацете на голманката на Белгија.

Најдобра кај Белгија беше супериорната Муниа Смитс со 11 гола, пред Неле Антонисен со шест гола, додека кај Македонија, Јована Кипријановска даде седум гола, а Марија Јанкуловска и Ивана Гакидова, заедно со Ангела Јанкуловска погодија по три пати.