Бојана Поповиќ пред историски подвиг во женската Лига на шампиони!

Завршниот турнир во женската Лига на шампиони секогаш често големи приказни, а една од највпечатливите оваа година е поврзана со Бојана Поповиќ. Легендарната црногорска ракометарка, која со години беше страв и трепет за противничките одбрани, сега има можност да испише нова страница во историјата како тренер на екипата на ЦСМ Букурешт. 

Поповиќ е една од најтрофејните ракометарки во историјата на европскиот клупски ракомет. Во својата богата играчка кариера освои шест титули во Лигата на шампионите, настапувајќи за Шлагелсе, Виборг и Будуќност, а беше прогласувана за најдобра ракометарка во светот. 

Сега, како предводник на романскиот гигант, таа е на само два натпревари од ново историско достигнување. Романскиот клуб се пласираше на „фајнал-фор“ турнирот за првпат по осум години, откако во четвртфиналето го елиминираше дански Есбјерг и обезбеди место меѓу четирите најдобри екипи во Европа. 

Во полуфиналето во Будимпешта, Букурешт ќе се соочи со францускиот Мец, додека во другата полуфинална пресметка актуелниот европски шампион Ѓер ќе игра против Брест Бретањ. Победниците ќе се борат за европската круна во големото финале. 

Пред завршниот турнир, Поповиќ порача дека во клубот долго време го чекале овој момент и дека сите детали се подготвени за најголемиот предизвик сезонава. За Букурешт ова е враќање на европската сцена по долга пауза, а за нивната тренерка можност да ја заокружи една извонредна кариера со уште едно историско достигнување. 

Доколку успее да ја одведе романската екипа до титулата, Бојана Поповиќ дополнително ќе го зацврсти статусот на една од најголемите личности што некогаш се појавиле во женскиот ракомет. Од европска шампионка на теренот до европска шампионка на клупата – тоа е приказна која досега не е напишана во женскиот ракомет.