Бодрењето на Македонија во Вараждин нема да биде евтино, почна продажбата на билетите за СП

Ракометните фанови на Македонија од денес можат да си обезбедат билети за натпреварите на нашата најдобра ракометна селекција на претстојното Светско првенство во Хрватска, Данска и Норвешка.

Ждрепката за планетарниот собир ѝ донесе натпревари на Македонија во Вараждин, што значи дека момците на Кирил Лазаров одново ќе имаат огромна поддршка од „Фалангата“. Но, овојпат фановите ќе мора да го „одврзат ќесето“ бидејќи цената на билетите воопшто не е популарна.

Хрватскиот ракометен сојуз од денес ја започнува продажбата на билетите за натпреварите на кои ќе биде организатор, а целата се движи од 50 до 70 евра од ден, во зависност од секторот. За нашите фанови резервиран е секторот „К“ што значи за првите три натпревари на Македонија ќе треба да се издвојат од 150 до 210 евра. Доколку успееме да ја минеме првата фаза, што не би требало да претставува проблем, и во втората ќе играме во Вараждин, а и за тие натпревари цената на билетите ќе биде иста. 

На шампионатот Македонија ќе биде во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја, а место во вториот круг ќе обезбедат првите три селекции.