Блесок на Морк, Норвешка ја надигра Холандија и го освои првото место!

Ракометарките на Норвешка го освоија првото место во групата А на турнирот во рамките на Олимписките игри во Токио, откако победија во дербито на колото против Холандија со 29-27 (16-13). 

Неверојатната Нора Морк одигра одличен натпревар, постигна девет погодоци и ја предводеше својата селекција низ овој дуел. Од друга страна, Смитс кај Холанѓанките даде седум гола, ама тоа не беше доволно за позитивен резултат. 

По почетното егал-надигрување, Норвешка беше селекцијата која прва се одлепи. Скандинавките пвоедоа со четири голови предност, но не успеаја да ги задржат. Иако „лалињата“ се вратија на минус еден, на пауза Норвежанките заминаа со водство ов 16-13. 

Вториот дел започна како што заврши првиот, скандинавската репрезентација беше подобра и контролираше. Сепак, Холандија се „разбуди“ и со добра серија дојде до егал. Следеше изедначен период во кој се играше гол за гол, а „лалињата“ дојдоа до првото и единствено водство. На крајот Норвешка пак заигра посигурно и заслужено победи. 

Норвежанките со осум бодови завршија како првопласирани во групата А, додека Холандија со два помалку е втора. Во четвртфиналето Норвешка ќе се сретне со Бразил, додека Холандија ќе игра против незгодната Шпанија.