• Саше Љолес
Ракометарките на ЖРК Металург го завршуваат настапот во квалификациите за Еврокупот, откако во возвратниот дуел против турскиот Гореле славеа со конечни 37-34, но недоволно за да се анулира негатива од осум гола.
Македонскиот тим загуби на првиот натпревар со 36-28, па денешната победа може да се окарактеризира како пирова и недоволна за пласман во следната фаза. Металург имаше солидна предност од шест гола на паузата (21-15), но не успеа до крај да го „нагази“ ривалот и мораше да се помири со рана елиминација во европските натпреварувања.
Убедливо најефикасна ракометарка во нашиот состав беше Марија Јанкуловска со четиринаесет погодоци, а уште осум додаде Анастасија Трпеска.