• Горан Упале

Ракометарите на Охрид продолжуваат со одличните партии во плеј-офот од Суперлигата и го продолжуваат патот кон остварување на целта – директен пласман во Европската лига следната сезона.
„Гладијаторите“ кои пред себе имаа полуфинален двомеч во ЕХФ Купот против Целје, денес разбија уште еден противник во разигрувањето за титулата. Во салата „Билјанини Извори“ падна екипата на Тиквеш, која беше совлада со убедливи 37-20.
- Комплетниот натпревар меѓу Охрид и Тиквеш:
Момците на Борис Ројевиќ, кои пред само неколку дена го изненадија шампионот Еурофарм Пелистер среде Битола и на овој натпревар покажа голем квалитет, професионалност, ефикасност и неверојатна одбрана. Особено во второто полувреме. По првите триесет минути Тиквеш колку-толку парираше (19-14), но по паузата домашните ракометари го покажаа вистинското лице и почнаа резултатски да се одлепуваат. Гостите од Кавадарци во вториот дел беа запрени на само шест гола, што на крај резултираше со победа на Охрид од 17 гола разлика.
Свое деби на денешниот натпревар имаше последното засилување на охриѓани Косуке Јасухира, кој веднаш блесна на паркетот и беше меѓу најзаслужните за убедливиот триумф. Некогашниот ас на Вардар постигна шест гола, колку што имаа и Ќосевски и Савревски. Кај поразениот тим најпрецизни беа Стојановски и Мијуховиќ со по пет гола.







