• Иван Димовски

Ракометниот клуб Бутел Скопје ги започна подготовките за новата сезона во која ќе се натпреварува во Суперлигата и Купот на Македонија. Минатата кампања за бутелчани беше успешна бидејќи беше исполнета примарната цел, пласман во плеј-офот.
Околу амбициите за следната сезона, како гледа на подмладувањето и што очекува од конкуренцијата зборуваше капитенот на тимот, голманот Бојан Блажески.
„Бутел е нов проект со исти амбиции. Нашата екипа е доста подмладена во однос на минатите години, но очекувам дека новите играчи брзо ќе се адаптираат на системот и ќе си ја најдат улогата во екипата. Ние како екипа ќе се потрудиме да го задржиме идентитетот борбеност и тимска игра. Младинските репрезентативци за брзо време ќе ни се приклучат во процесот на подготовки.
Имаме пријателски натпревари со македонски екипи, а потоа на крајот на месецот ќе одиме на ,,мини" турнеја во Србија. По неа, целта ни е да ја одбраниме титулата на турнирот ,,Денис Тот", за натпревари кои што ќе ни помогнат да го усовршиме системот кој што го бара тренерот од нас“, ни изјави Блажески.
Четата на Горан Кузманоски подготовките ќе ги мине во Скопје, ќе тренира во својата сала „Андон Димитров“ во населбата Бутел.
Сепак, најавени се пријателски натпревари во Србија, како и учество на меѓународен турнир во хрватскиот град Ѓаково, посветен на убиениот екс-ракометар на бутелчани Денис Тот.