Бизарна приказна: Фуксе го пронајде загубениот пехар во подрум

Вистински циркус се случуваше во Берлин околу шампионскиот трофеј од Бундеслигата на Фуксе, кој со месеци се водеше како исчезнат.

На крајот од минатата година клубот остана без пехарот, беше започната истрага и дури се шпекулираше дека е стопен. Полицијата имаше и осомничени, а беа пронајдени и растопена сребрена маса и печка, па дури се размислуваше за изработка на нов трофеј.

Сепак, следуваше неочекуван пресврт. Пехарот е пронајден во подрумот на клупските простории, скриен зад картонски кутии.

„Веднаш ја известивме полицијата. Сите можеме да бидеме среќни што традицијата е зачувана и што трофејот ќе остане симбол за генерациите“, изјави директорот Боб Ханинг.

Се претпоставува дека сторителите го сокриле таму со намера подоцна да го преземат. Во меѓувреме, веќе била отпочната постапка за изработка на нов пехар, но таа е стопирана. На крајот, пехарот сепак ќе остане во рацете на шампионите, а целата приказна ќе остане како една од најбизарните во германскиот ракомет.