• Иван Димовски
Ракометното дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се одигра викендов во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Добри вести се информациите дека ќе има присуство на двете навивачки групи „Чкембари“ и „Комити“, а уште подобри дека билетите се комплетно распродадени.
Продажбата на билетите започна денес точно напладне, а само седум минути подоцна повеќе немаше достапни карти. Капацитетот од 3.500 навивачи, минус околу 1.000 сезонци беше распродаден за рекордно време во македонскиот ракомет.
„Брзите прсти“ на битолчани при онлајн продажбата и најсреќните и набрзи купувачи на билет со физичко присуство се стекнаа со карти за дербито.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се одигра в сабота во терминот од 18:00 часот, а се очекува да биде вистински ракометен празник.