• Редакција Gol.mk
Страста на битолчани за ракомет е одамна позната и не само што не замрува, туку се зголемува. Вечерва и младо и старо, и машко и женско се собра во спортската сала „Боро Чурлевски“ да ги испрати пелистерци по задоволителната сезона во Лигата на шампионите.
Гостувањето на ПСЖ мина во втор план, а домашните херои, посебно што пред една недела го декласираа Алкалоид, и вечерва беа главни фаци. Со минути по завршувањето на натпреварот, и покрај поразот, момците на Раул отпоздравуваа, а некои останаа и да се поздравуваат и фотографираат со најмладите.
Еден транспарент посебно ги импресионираше камерите и објективите на фоторепортерите. Младо момче и девојче искажаа многу љубов кон капитенот Филип Кузмановски, а овој им ги подари дресот и предизвика овации кај гледачите.
„Фитиљ“ е вистински капитен и омилен лик меѓу своите сограѓани, а сезонава изразна и во еден од најдобрите бекови во Лигата на шампионите.