Битолчани имаат еден месец да ја доведат „Боро Чурлевски“ според сите стандарди

Во очекување на расплет околу евентуалното купување на акциите на РК Пелистер од страна на компанијата Еурофарм (седницата на совет е закажана за 30 јули), ракометна Битола треба да положи уште еден важен тест доколку сака да гледа елитен ракомет во „Боро Чурлевски“. Имено, по инспекцијата на СЕХА лигата, евидентирани се забелешките, а градот и клубовите кои егзистираат имаат точно еден месец да ја доведат салата во оптимална состојба, како инспекцијата на СЕХА би дала позитивен одговор.

При последната посета назначено е дека основен проблем е осветлувањето на кое не е оптимално и потребно е да биде доведено по меѓународни стандардни. Втора голема грижа е затоплувањето за зимските месеци, а треба да биде реновиран и санитарниот чвор на трибината на која се наоѓаат гледачите.

Веќе постои проект како ќе изгледа прес-центарот и ВИП-просторот во салата, а големи се шансите „Боро Чурлевски“ следната сезона 2019/20 да биде само ракометна сала, герфлорот да биде поставен во текот на целата година, а кошаркарите да бидат преместени во некоја од другите битолски сали која ги исполнува барања на КФСМ.

Од утре Општина Битола ја презеде одговорноста да започне да ги средува недостатоците и за тоа има точно еден месец. Од исходот на инспекцијата која ќе дојде на 15 август ќе се знае дали СЕХА лигата ќе се игра во Битола или не. Тој извештај ќе биде проследен до ЕХФ, па автоматски и одлуката за настап во Лигата на шампионите зависи од него.