ВИДЕО: Битолчани го испотија фаворитот, Металург едвај до стартна победа

Можеби играчки не блескаа и наидоа на тврд и мотивиран противник, но ракометарите на Металург со победа ја почнаа Суперлигата. Во Автокоманда падна Еурофарм Пелистер со 25-21 (11-11), откако битолчани паднаа дури во последните 15-тина минути, откако претходно беа целосно рамноправен противник. 

Битолчани започнаа одлично и предводени од одбраната и Филип Ивановски на голот примија само еден гол во десет минути. При 2-2, по 12. минута Јовиќ повика прв тајм-аут да го организира нападот, уште почесто грешеа и момците на Кастратовиќ.

Сепак, фаворитот брзо почна да погодува и Поповиќ и Канкараш ја комплетираа серијата 5-0 и Металург поведе со 6-3. Следеше мини-серија на битолчани од 3-0, одличен беше Ивановски на голот и Талевски и Арсеновски израмнуваат на 6-6 во 20. минута. Кастратовиќ повика минута одмор и внесе свежа крв во тимот. По серијата на грешки, Јован Талевски погоди од транзиција во 23. минута и Еурофарм Пелистер 2 се врати во водство (7-8). Мотивираниот Ивановски блесна против својот поранешен клуб и заедно со Дрогришки се избори за 11-11 на крајот од првиот дел. 

Второто полувреме започна со игра гол за гол и со далеку подобра организација и игра во напад за разлика од првиот дел. Во 41. минута Серафимов погоди за +2 и нешто помирен тек на натпреварот за екипата на Кастратовиќ. Заглави нападот на „бело-сините“ и по три четвртини од натпреварот скопјани водеа со +3. 7-8 минути Еурофарм Пелистер не постигна гол и Тарабокија погоди за +4 во 48. минута. 

Недостатокот на енергија и концентрација битолчани ги откажа од можноста да играат полетно. Сепак, со голови на крилата намалија на 21-19 и Кастратовиќ повика минута одмор во 54. минута. Ракометарите на Металург се собраа, постигнаа лесен гол преку Мариќ, се одбранија и без драматика го приведоа натпреварот кон крај за победа од 25-21. 

  • Потег на натпреварот: 

Серафимов со седум гола беше најефикасен кај Металург, Тарабокиа постигна четири, а Канкараш беше автор на три гола. Кај Еурофарм Пелистер 2 блескаше Ивановски на голот, а најефикасни беа Талевски со седум и Петровски со пет погодоци. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Металург и Еурофарм Пелистер 2: 

Кастратовиќ ги штедеше Рниќ и Потиќ, но првите вибрации пред дуелот со Кринс Луцерн за десетина дена не се најпозитивни. Веќе в понеделник во второто коло Еурофарм Пелистер 2 го пречекува Работнички, а Металург гостува во Прилеп.