Битигхајм со моќен втор дел го исфрли Мец и ќе игра за пехарот во ЛШ

Ракометарките на Битигхајм одиграа моќно второ полувреме и го декласираа француски Мец (29-36) во полуфиналето на ракометната Лига на шампионки. Натпреварот во „МВМ Доме“ во Будимпешта понуди израмнетост во првото полувреме, меѓутоа потоа со фуриозна игра Германките се одлепија и славеа доста убедливо. 

Французинките отворија добро, поведоа со 4-2 и делуваа солидно. Некое време Мец се одржуваше во предност, но не можеше да се одлепи. Во финишот на првиот дел се играше гол за гол, па Мец замина на пауза со 15-14. 

Дури и на стартот на продолжението тимот од Франција кој важеше за апсолутен фаворит водеше во пет наврати со два разлика. Сепак, откако на семафорот стоеше 20-18 тргнаа неколкуте мини-серии на Битигхајм. Германките почнаа да градат предност и да се одлепуваат, а откако го издржаа последниот налет на Мец (26-29), направија исчекор кон победата. Во финишот предноста дополнително порасна и крајот беше со највисокото водство од седум разлика. 

Во финалето Битигхајм ќе го предизвика унгарски Ѓер, кој по четири сезони бара враќање на европскиот трон во Будимпешта.