• Мартин Танасковски
Ракометарите на македонскиот суперлигаш Алкалоид не успеаја да се пласираат во главната рунда на Европската лига на ЕХФ, откако германскиот Хановер-Бургдорф беше подобар и на реваншот во Скопје (28-29) и си обезбеди место меѓу најдобрите. Македонскиот претставник одигра борбено и динамично, публиката уживаше во брз ракомет со многу убавини, но и неизбежни грешки што ги носи таквиот стил.
Германците, предводени од расположениот голман Бирлем, уште од почеток презедоа иницијатива и поведоа со 4-2, а потоа и со убедливи 12-6. Сепак, карактерот на „сино-белите“ излезе на виделина – Иван Галевски блескаше, се даваа лесни голови во нападот, па тимот на Лазаров анулира шест гола негатива и на полувремето замина со израмнети 14-14.
Во второто полувреме Алкалоид тргна лошо, Хановер отвори со серија од 0-3, но потоа македонскиот тим возврати со пет гола по ред и врати резултатска рамнотежа. Од тој момент натпреварот беше вистинска бркотница за резултат – од 20-20 па сè до 27-27, двете екипи постојано беа „рамо до рамо“. Но, кога Алкалоид промаши нов седмерец, четврти на мечот, при 27-28, Хановер дојде до 27-29 и потоа го сочува тој плус.
Голманот Бирлем кај Хановер собра 17 интервенции, а најдобар стрелец беше Фишер со осум, пред Поулсен со седум гола. На спротивната страна, Галевски фати 13 топки, а Урош Борзаш даде осум гола, додека Монси Тордарсон имаше седум реализации.





