Бешикташ издржа едно полувреме, Монпелје впиша нова убедлива победа во ЕЛ

По домашниот пораз од Магдебург во претходното коло, екипата на Монпејле експресно им се врати на успесите во Европската лига, откако во единствениот денешен натпревар од второто по ранг натпреварување на ЕХФ со убедливи 10 гола разлика славеше на дуелот со турски Бешикташ (26-36). 

Францускиот гигант, кој е еден од можните ривали на Еурофарм Пелистер во елиминационата фаза, наиде на расположен противник во првиот дел, кој носен од одличниот Доне играше рамо до рамо со големиот фаворит, но во вториот дел работите си дојдоа на свое место и поранешниот освојувач на Лигата на шампионите се избори за петти овосезонски триумф во ова натпреварување. 

Дури десетмина ракометари на Монпелје вечерва се запишаа во листата на стрелците, а најпрецизен беше Вилеминот со осум гола, додека во таборот на Бешикташ најрасположен беше Доне со 13 гола.

По шест одиграни натпревари Монпелје со скор од пет победи и еден пораз е стациониран на втората позиција на табелата, но има еден меч помалку во однос на лидерот Магдебург, кој има и еден триумф повеќе.