Берге: Мирхол беше тактичкиот детаљ со кој ја победивме Германија

Селекторот на норвешката репрезентација и поранешен ракометар на Флензбург, Кристијан Берге, ден по големата победа над Германија во Хамбург, ја објасни тактиката со која извојувал тактичка победа над Прокоп и бундес-тимот.

„Трчавме 60 минути и затоа дојдовме до триумф. Знаевме дека Германија игра агресивна одбрана. Мирхол е нашата шанса на линијата и тој беше одличен, цврст, клучен човек. Тој дел од тактиката многу ни помогна“, рече селекторот.

Потоа Берге се осврна на финалето против Данска, очекувајќи вести за повредата на 21-годишниот Род, најдобриот поединец во полуфиналето против Германија.  

„Веќе еднаш загубивме од Данска на турнирот. Сега ќе се обидеме да дојдеме до подобар резултат и барем да бидеме блиску до противникот“, заврши Кристијан.

Второ мундијалско финале по ред, Норвешка во мечот за златото игра против домаќинот на првенството и ќе се обиде да стигне до првата светска титула, откако пред две години загуби од Франција во Париз.