• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар 1961 ја победија Бенфика 33-27 (15-14) и по три кола од главната фаза си обезбедија пласман во плеј-офот на Европската лига на ЕХФ. Со оваа победа двократниот европски првак е сигурен за место барем во осминафиналето, а следниот вторник кај Мелсунген ќе игра за првото место во групата. На средбата во СЦ „Јане Сандански“ пред околу 5.000 навивачи избраниците на Иван Чупиќ го надиграа ривалот и заслужено триумфираа.
Првиот напад го имаа гостите и не реализираа, па на спротивната страна погоди Јанковски. Во нападот Чупиќ се реши за варијанта со Педро, Боно и Митровиќ, како и Кеита и Воркапиќ на крила. Во следниот период се играше на малку голови и имаше грешки на двете страни, а за вардарци погодија Кеита и Педро за 3-1. Два гола врза и Лазаревски по двете интервенции на Валах за 5-2, а тоа го натера тренерот на гостите на прв тајм-аут. Во следните минути Португалците стигнаа на „минус два“, ама тогаш Вардар врза два гола преку Педро и Воркапиќ од седум метри (7-3). Сепак, следуваа грешки и Бенфика намали на 7-4, а тоа го натера и Чупиќ да свика минута за совети. Следуваа нови реализации на Воркапиќ и Педро, па потоа Бразилецот имаше и една грешка и гостинот врза два гола за 10-8. Проблематично за „црвено-црните“ беше второто исклучување на Хориха, а и веќе две минути имаше Лазаревски. Во тој период Бенфика враќаше на моменти до „минус еден“, но и Вардар погоди со двајца играчи помалку. До крајот на полувремето разликата варираше меѓу еден и два гола, а по истекот на времето преку блокот за 15-14 од Бенфика погоди Кавалканти.
Вториот дел тргна со два гола на Воркапиќ од седум метри, па и Малус реализира за 18-15. Сепак, Бенфика врати со два врзани гола, па српското крило погоди нов седмерец (19-17). Вардар пак доби пенал, а откако прими удар Воркапиќ му го препушти на Тузолана кој го промаши голот. Сепак, Еспиња успеа да одбрани шут и на спротивната страна во транзиција Митровиќ погоди за 21-18. Португалците играа со истурени ракометари на Малус и Хориха, а словенечкиот бек врза два гола за „плус четири“ (23-19) и тренерот на Бенфика пак свика тајм-аут. Во следниот напад Бенфика реализира, ама потоа вардарци одбранија три напади и во контра на празен гол погодија Кеита и Пинто за 26-20. Иако го имаше моментумот, Чупиќ повика минута за совети и смирување на тимот. Оттогаш ривалот се консолидира и предноста беше смалена на 28-24, па Чупиќ одново свика тајм-аут. Во тешка и важна акција Воркапиќ погоди за 29-24 и потоа во брза развој на настаните Лазаревски и Малус ја одржуваа предноста од пет гола. До крајот вардаровата цел беше исполнета, победа од шест гола разлика за подобар меѓусебен дуел со Португалците (ако е потребно).
Најдобар стрелец беше Јака Малус со девет реализации, додека осум даде Вукашин Воркапиќ. Кај голманите Милош Валах го заврши мечот со шест одбрани, а Мигел Еспиња фати три шута.






